Thursday, February 20, 2014

Што ако Александар го загубеше животот во битката кај Граник? (1 дел)

 Во двата предходни поста го преставив на кратко животот и делото на Александар Велики. Во првиот генерално и во кратки црти беше преставена колоритноста на неговата личност и неговото релативно кратко животно патешествие проследено со непрекинати освојувачки походи против тогашната доминатната суперсила, Персиската империја. Во вториот пост беше преставена романтичната теза на британскиот историчар Арнолд Тојнби и во неа беа опишани шпекулативни хипотези за тоа што би се случило со античкиот свет кога Александар би доживеал длабока старост.

Во овој пост ќе се обидам да преставам една друга шпекулативна хипотеза, сосема различна од онаа што ја престави Тојнби, со наслов "Што ако Александар го загубеше животот во битката кај Граник?"

Александар првата голема победа против Персиската империја ја постигнал во битката кај реката Граник. (334 г. п.н.е)


Сакам само да посочам на една работа која не е толку споменувана во книгите и воопшто во дебатите на историчарите околу животот и делото Александар Велики. Александар во тој период морал што побрзо, по секоја цена да започне војна со Персија. Еве зошто.

Армијата на Александар била релативно голема (заедно со резервните трупи, околу 18.000 коњаници и 43.000 пешаци). Ваква армија имала огромни потреби во логистика, но резервите на сребро во кралската каса  биле доволни за само неколку месеци активно војување. Затоа Александар им ветил на своите војници дел од пленот што ќе го одземат од освоените територии.

Мемнон, грчки платеник кој што се борел од страната на Персијците ја прозрел намерата на Александар и им предложил на персиските сатрапи да водат повлекувачка војна, таканаречена „тактика на опустошена земја“ која би го лишила македонскиот војсководец од прекупотребните ресурси. Меѓутоа сатрапите не го прифатиле овој предлог затоа што верувале во својата сила и бројноста на своите армии и го уверувале во лесна победа над македонската војска. Епилогот на битката е познат, Александар извојувал победа, а во годините што следат ќе ја кутне моќната империја под своите нозе. Но ајде да видиме што ќе се случеше доколку се оствареле предвидувањата на персиските сатрапи.

Војниците на двете масивни армии се построени една кон друга, но Персијците ги држат повеќето од адутите во своите раце. Имено, тие го држат повисокиот брег на реката и бројно се надмоќни. Ненадејно, Александар со коњицата (сѐ уште неискусен, имал само 22 години) се втурнал во јуриш кон непријателските борбени редови. Персијците веднаш се повлекле и му дозволиле да навлезе длабоко во нивните редови, за потоа да го отсечат од главнината на македонската војска. Веројатно тоа и бил планот на персиските тактичари.

Одеднаш, Александар којшто носел блескав сребрен шлем (јасно можел да се забележи во толпата) се нашол во исклучително тешка состојба, опкружен од многу непријателски војници. Во морето од војници се наоѓал и сатрапот на Лидија и Јонија, персискиот благородник Спитридат кој бил познат по својата огромна борбена секира (се влечела по земја додека јавал). Тој му задава силен удар на македонскиот војсководец во пределот на главата, овој е видливо дисориентиран а неговиот шлем скоро се распаднал од тешкиот удар.

Клејтос е зафатен во борба со противничките копјаници и не може да му помогне на својот генерал. Спитридарт задава уште еден удар. Овој пат ударот е фатален и Александар го загубил животот на бојното поле.

Клејтос заедно со другите хетаири ќе поведе безпоштедна борба за телото на кралот. На крајот ќе успеат да ги потиснат Персијците но македоската армија ќе претрпи огромни загуби а главнината на огромната персиска воска ќе остане скоро недопрена.

Истовремено кралот Дариј III (млад, енергичен и докажан војсководец) создавал огромна армија. Првичните победи на македонците врз локалните персијски сатрапи сосема се безначајни затоа што во Западна Анадолија пристигнува кралската војска на чело со „кралот на сите кралеви“.

Во меѓувреме адмиралите на Дариј се подготвуваат да го пренесат военото дејствие на македонска почва. Воведуваат блокади на хеленските пристаништа и ја шират веста за смртта на Александар и минорниот напредок на „здружените“ македонско-хеленски војски. Избиваат востанија во Хелада против македонската хегемонија. Истовремено почнуваат и меѓусебни битки за испразнетиот македоски престол.

Македонското собрание по исходот на битката кај Граник донесува заклучок дека е лудост да се продолжи со воената кампања против Персијската империја и ќе издејствуваат брзо повлекување на македоската војска.

Македонија е вовлечена во цивилна војна и златното доба кое го проектираше генијалниот ум на Филип II е завршено. Во вековите што ќе следат ќе има уште неколку генерации македонски кралеви кои никогаш нема да се доближат до височините и стандардите што ги поставија нивните славни предходници.

Продолжува...

Monday, June 17, 2013

Што ако Александар Велики доживееше длабока старост?



Постот е пишуван според есејот со наслов "If Alexander the Great had lived on" поглавје од книгата  "Some problems in Greek history" чиј автор е Арнолд Тојнби , плус некои мои ставови околу оваа „романтична“ хипотеза на британскиот историчар.





323 година п.н.е.

Приказната почнува со тоа што Александар се опоравува од маларичната треска која замалку не го однела во прерана смрт. 

(Со оглед на околностите и начинот на живот на Алакеснадар не е чудно што умрел млад. Луѓето во антиката немале долг животен век како што имаат луѓето во денешното модерно општество. Тешко е да се верува дека ќе доживеел длабока старост затоа што постојано се изложувал себеси на неверојатни физички напори на бојното поле и се здобил со нелолку тешки рани. 

Имал и многу лични непријатели а прочуени се и банкетите каде што се конзумирало алкохол во големи количини. Животот го минал претежно на отворено, патувајќи или марширајќи илјадници километри во епоха каде што нивото на санитетската чистота во болниците или престојувалиштата биле на многу пониско ниво од денешното. Земајќи ги во предвид сите овие параметри може дури да заклучиме дека македонскиот војсководец имал „долг“ животен век, благодарејќи на личниот порив за остварување на сопствените идеали и неверојатната среќа која го следела на бојното поле.)

Прифаќајки го советот на лекарите ги запира планираните воени операции сѐ додека целосно не закрепне. Се помирува со фактот дека неговото тело е истрошено и му треба подолг одмор за целосно да ја поврати својата сила, ја зауздува својата немирна природа, станува многу посмирен. Подоцна, целосно опоравен тргнува во остварување на зацртаните цели а управувањето во внатрешноста на тогашната империја им го доверува на своите лојални генерали Еумен, Пердика и Птолемај.

322 година п.н.е.

Александар започнува поморска експедиција околу Арапскиот полуостров. Кај местото Суец, издава нареба за изградба на канал кој ќе ги спои Црвеното и Средозменото море затоа што го забележува огромниот потенцијал и придобивка  кое ќе го донесе едно вакво епохално дело за неговата империја и воопшто за целиот антички свет. Феникијците се вдомуваат во Персискиот залив заедно со соседните народи Самаританците, Моабитите и Евреите. Со оглед на пролибералната политка што ја применува Александар кон обичаите и верувањата на покорените територии овие народи ќе ја искористат оваа можност да станат луѓе со отворени погледи кон светот. 

Ќе нема репресалии врз народите и нивните религиозни убедувања а со тоа ќе нема силни религиозни движења кои бликаат од понижуваниот Јудеизам (нема Макабско востание, ја нема хеленската Септуагинта, уништување на храмови, голема еврејска дијаспора). 

Сума сумарум со ова се локализира Јудеизмот како локална религија и нема плодна почва за развој на Христијансвото како масовно религиозно движење кое подоцна како огнена стихија ќе го зафати античкиот свет. (според Тојнби). Александрија во Египет станува новата престолнина на македонската империја.

321 година п.н.е.
  
Александар се враќа во својата татковина. Поради неговото долго отсутсво се чувствува немир во соседните држави. Презема серија кампањи со кои ќе ги осигура границите во Тракија и Анадолија.

320-319 година п.н.е.

Откако извршил темелни подготовки се вдал во поход и во еден здив ги освоил Сицилија и Картагена. Двете новоосвоени територии ги реорганизира по теркот на ставките кои се внесени во документот „Коринтски мир“. Империјата сѐ повеќе и повеќе се зголемува. Кај Гибраталскиот теснец основа град кој го нарекува Alexandreia Eschata Herakleia. За тоа време хеленскиот географ и истражувач Питеј од Масилија добива наредба и ресурси за поморски пат околу Африка.

318 година п.н.е.

Македонско-Римски пакт против Самнитите. Ова е интересно предвидување и ќе му обрнам малку повеќе внимание, затоа што сите знаеме како во реалноста се развиваше Римската држава и култура, и каква величина досегна во подоцнежниот период во антиката. 

Во почетокот на зимата во 318 година п.н.е. Самниум и неговите жители Самнитите преставуваат закана за сите области на Апенинскиот полуостров. После тешкиот пораз на Рим во битката кај Каудинските Превои, Римјаните се наоѓаат во незавидна положба и се приморани да бараат сојузници во конфликтот со Самнитите. 

Во 318 година п.н.е. на брегот во Јужна Италија пристигнува Птолемај како преставник на Александар, владетелот на светот. Со низа диполматски постапки ја придобива довербата на областите на југот од Италија, тие преминуваат на страната на Македонското кралство. Откако ја осигурал заднината тргнал кон Рим на кој му понудул предлог кој не смеел и не можел да го одбие. Всушност одредбите од понудениот пакт многу потсеќаат на пактот што Александар му го понудил на индискиот крал Пор, еквивалентно партнертсво помеѓу двете држави со тоа што Рим ќе си ги задржи сегашните територии и ако е возможно да поведе експанзионистичка политика спрема Галија. Исто така им понудил на Римјнаните излез на реката По, регион со огромен потенцијал за разој на земјоделството. 

Рим го прифаќа предлогот без двоумење. Речиси ист предлог во смисла на политичка и културна слобода им нуди и на Етрурците кои се наоѓале северо-западно од римската област. Оваа серија потези на Александар му овозможува нова територија во регионот Јужна Италија, позната под името Неаполска Лига и маргинализирање на влијанието на Рим кој останал минорна сила во Античкиот свет.
  
317 година п.н.е.

Александар пристигнува на брегот на Апенинскиот полуостров кај Тарентиум заедно со главнината од својата војска,  ги разбива Самнитите. Областа Самниум, освен мал дел кој ќе му припадне на Македонското кралство, ќе влезе во составот на младата римска држава.
  
317-314 година п.н.е.

Откако се устоличи како неприкосновен владетел во Средоземјето, создава нова армија чие јадро главно е составено од платеници и тргнува накај Индија која лично тој самиот ја смета за недовршена работа од минатото. Ја покорува Магатха и за управител на новоосвоената територија го поставува Селеук. По течението на реката Ганг се среќава со феникијската флота а тие пак му соопштуваат дека го пронашле поморскиот пат до Индија. 

Отсега па натаму широко им се отвора патот на будистичките свештеници кон внатрешноста на империјата за презентација на Будизмот како религија. Во Хелада, Зенон и Епикур пишуваат низа есеи на тема „Будистичка филозофија“. Светската држава и светската религија отсега па натаму се тесно поврзани и фукционираат како едно.

312--311 година п.н.е.

Александар запловува по реката Јаксарт (денешна Сир Дарја). Имаше наслушнато за огромното богатство кое го поседува Кина, се вмешува во конфликтот на необединетите кинески држави и ја покорува цела Кина. За управител го поставува Антигон, долгогодишен и лојален генерал во негова служба.

308 година п.н.е.

Неарх го открива поморскиот пат од Индија до Кина. Во вековите што следат дел од кинеската популација притисната од експанзионистичката политка на освојувачот има потреба од нови територии и постепено се шири кон островите на југ. Откриваат нов континет. Австралија станува континент на Кинезите.

287 година п.н.е.

Александар Велики умрел на 69 годишна возраст. Наследството што го остава зад себе е огромна империја која е одлично организирана и на политички и на воен план. Војската во комбинација со будистичката религија го одржуваат мирот низ целата земја. 

Наследникот на тронот, Александар IV се зафаќа со унапредување на сите аспекти од општесвениот живот во империјата. Ја реорганизира администрацијата, ја подобрува инфраструктурата. 

Во престолнината Александрија отвара универзитет во чиј состав се наоѓаат: филозофскиот факултет „Музеон“ и техничкиот факултет „Хефајстион“. Херон ја пронаоѓа парната машина, Аристарх од Самос го аргументира хелиоцентричниот модел на сончевиот систем, Ератостен од Кирена открива дека земјата има форма на елипсовидна топка.

220 година п.н.е.

Младиот Картагинец, Ханибал ги има прочитано сите книги во кои се споменува дека во минатото постоел континент Атлантида и мечтае дека еден ден ќе исплови и ќе го пронајде преку океанот. На крајот ќе успее да ја оствари својата желба и после долга пловидба ќе открие нов континент, Антиподија (Австралија).

Остатокот од светот полека но сигурно се вклопува во мирољубивата и просперитена империја.

1930 година н.е.

Историчарот Арнолдус Тојнбинус седи во големата Алекснадриска библиотека и си прави ретроспектива на историјата од Александар до сегашноста. Во моментот народот го слави Александар LXXXIV (84).
                                                                       * * *
Прераната смрт на Александар Велики го инспирирала Арнолд Тојнби, еден од попознатите историчари на дваестиот век да напише шпекулативен елаборат со „романтичен“ приказ што би се случило кога Александар би доживеал длабока старост. 

Треба да се напомене дека во пишувањето на неговиот есеј во голема мера се чувствува влијанието на В.В Тарн, елоквентен и славен историчар во тоа време, кој го преставувал Александар како космополит, прониклив и далекувиден стоик кој се водел од замислата да го обедини целиот свет во една целина. 

Thursday, June 13, 2013

Александар Велики - Што ако...

Ова нема да биде вообичаена ретроспектива која го опфаќа животот и делата на Александар Велики. Во три засебни постови ќе се обидам да преставам шпекулативни тези создадени од познати историчари за развојот на цивилизацијата со тоа што во центарот на вниманието би биле прашањата, што би се случило ако Александар доживеал длабока старост и што би се случило ако го изгубел животот во битката кај Граник, во зачетокот на војната со Персија. Сепак во првиот пост има општи податоци за Александар за биде овозможено покомфорно читањето на постовите што ќе следат.
                                                                       * * *
Александар III Македонски (356-323 г.п.н.е.) е една од најмаркантните фигури кои воопшто се појавиле на историската сцена. За неговиот живот и дела се напишани многу трудови. Пишувале неговите истовременици а провлекувајќи се низ историјата уште еден куп автори ткаеле текстови за неговата личност и неговите епохални походи. Поради своите идеолошки убедувања и фактот дека го покорил целиот (тогаш) познат антички свет, бил наречен Велики.

  Општо е познато дека историјата ја пишуваат победниците и во повеќето дела од антиката Александар е опишан како космополит кој што имал визија да го обедини светот во една кохеретна целина во која секој ќе си го најде своето место под сонцето. Меѓутоа во некои подоцнежни трудови (Ернст Бадиан, А.Д. Босворд) обработена е и темната страна од карактерот на Александар во кои тој е преставен како бескруполозен автократ кој под превезот на визионерската политика криел непресушна жед за освојувања и применувал брутални мерки врз оние кои се дрзнале да му се спротистават и преставувале закана за неговата империја. 

Попознати случки кои се воочени се воведувањето на проскинезата (обичај кој е вообчаен за азиските автократи но никако за Македонското Античко кралство), убиството на Клејтос во афект (близок другар од детсвото кој му го спасил животот во битката кај Граник), нарачаното убиство на Парменион,  разурнувањето на градот Тир и престолнината на Персија, градот Персеполис.

Сепак неоспорен факт е дека Александар бил генијален војсководец и дека преку своите походи успеал да направи уникатен микс од култури кои меѓусебно си влијаеле една на друга, кои по својата форма се разликувале од македонската и хеленската култура и се нарекувале под  едно име, Хеленистичка култура.

Каков бил како човек ви оставам вам, читајте дела во кои се застапени двете гледишта и оформете си свое мислење за оваа проблематика, а можеби во некои наредни постови ќе се обидам да дадам поширок критички осврт на двете тези за личноста на Александар Велики.

Темите кои што ми се видоа интересни и сакам да пишувам гласат: "Што ако Александар доживееше длабока старост?" и "Што ако Александар го загубеше животот во битката кај Граник?". 

Двете  сценарија ќе се обидам да ги преставам во два засебни поста. Исто така имајте на ум за оскудноста на литература која ги обработува овие теми како и невозможната мисија да се најдат книги од ваков тип во библиотеките и книжарите во нашава земја. 

Во следниот пост ќе го прикажам романтичното гледиште на британскиот историчар Арнолд Тојнби кој во својата книга "Some problems in Greek history" има напишано есеј од 54 страници со наслов "If Alexander the Great had lived on", плус некои мои ставови околу ова прашање...