Thursday, February 20, 2014

Што ако Александар го загубеше животот во битката кај Граник? (1 дел)

 Во двата предходни поста го преставив на кратко животот и делото на Александар Велики. Во првиот генерално и во кратки црти беше преставена колоритноста на неговата личност и неговото релативно кратко животно патешествие проследено со непрекинати освојувачки походи против тогашната доминатната суперсила, Персиската империја. Во вториот пост беше преставена романтичната теза на британскиот историчар Арнолд Тојнби и во неа беа опишани шпекулативни хипотези за тоа што би се случило со античкиот свет кога Александар би доживеал длабока старост.

Во овој пост ќе се обидам да преставам една друга шпекулативна хипотеза, сосема различна од онаа што ја престави Тојнби, со наслов "Што ако Александар го загубеше животот во битката кај Граник?"

Александар првата голема победа против Персиската империја ја постигнал во битката кај реката Граник. (334 г. п.н.е)


Сакам само да посочам на една работа која не е толку споменувана во книгите и воопшто во дебатите на историчарите околу животот и делото Александар Велики. Александар во тој период морал што побрзо, по секоја цена да започне војна со Персија. Еве зошто.

Армијата на Александар била релативно голема (заедно со резервните трупи, околу 18.000 коњаници и 43.000 пешаци). Ваква армија имала огромни потреби во логистика, но резервите на сребро во кралската каса  биле доволни за само неколку месеци активно војување. Затоа Александар им ветил на своите војници дел од пленот што ќе го одземат од освоените територии.

Мемнон, грчки платеник кој што се борел од страната на Персијците ја прозрел намерата на Александар и им предложил на персиските сатрапи да водат повлекувачка војна, таканаречена „тактика на опустошена земја“ која би го лишила македонскиот војсководец од прекупотребните ресурси. Меѓутоа сатрапите не го прифатиле овој предлог затоа што верувале во својата сила и бројноста на своите армии и го уверувале во лесна победа над македонската војска. Епилогот на битката е познат, Александар извојувал победа, а во годините што следат ќе ја кутне моќната империја под своите нозе. Но ајде да видиме што ќе се случеше доколку се оствареле предвидувањата на персиските сатрапи.

Војниците на двете масивни армии се построени една кон друга, но Персијците ги држат повеќето од адутите во своите раце. Имено, тие го држат повисокиот брег на реката и бројно се надмоќни. Ненадејно, Александар со коњицата (сѐ уште неискусен, имал само 22 години) се втурнал во јуриш кон непријателските борбени редови. Персијците веднаш се повлекле и му дозволиле да навлезе длабоко во нивните редови, за потоа да го отсечат од главнината на македонската војска. Веројатно тоа и бил планот на персиските тактичари.

Одеднаш, Александар којшто носел блескав сребрен шлем (јасно можел да се забележи во толпата) се нашол во исклучително тешка состојба, опкружен од многу непријателски војници. Во морето од војници се наоѓал и сатрапот на Лидија и Јонија, персискиот благородник Спитридат кој бил познат по својата огромна борбена секира (се влечела по земја додека јавал). Тој му задава силен удар на македонскиот војсководец во пределот на главата, овој е видливо дисориентиран а неговиот шлем скоро се распаднал од тешкиот удар.

Клејтос е зафатен во борба со противничките копјаници и не може да му помогне на својот генерал. Спитридарт задава уште еден удар. Овој пат ударот е фатален и Александар го загубил животот на бојното поле.

Клејтос заедно со другите хетаири ќе поведе безпоштедна борба за телото на кралот. На крајот ќе успеат да ги потиснат Персијците но македоската армија ќе претрпи огромни загуби а главнината на огромната персиска воска ќе остане скоро недопрена.

Истовремено кралот Дариј III (млад, енергичен и докажан војсководец) создавал огромна армија. Првичните победи на македонците врз локалните персијски сатрапи сосема се безначајни затоа што во Западна Анадолија пристигнува кралската војска на чело со „кралот на сите кралеви“.

Во меѓувреме адмиралите на Дариј се подготвуваат да го пренесат военото дејствие на македонска почва. Воведуваат блокади на хеленските пристаништа и ја шират веста за смртта на Александар и минорниот напредок на „здружените“ македонско-хеленски војски. Избиваат востанија во Хелада против македонската хегемонија. Истовремено почнуваат и меѓусебни битки за испразнетиот македоски престол.

Македонското собрание по исходот на битката кај Граник донесува заклучок дека е лудост да се продолжи со воената кампања против Персијската империја и ќе издејствуваат брзо повлекување на македоската војска.

Македонија е вовлечена во цивилна војна и златното доба кое го проектираше генијалниот ум на Филип II е завршено. Во вековите што ќе следат ќе има уште неколку генерации македонски кралеви кои никогаш нема да се доближат до височините и стандардите што ги поставија нивните славни предходници.

Продолжува...

No comments:

Post a Comment